ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ПРОНИКНУВАЊЕ“ ОД ЕПИСКОП ДАВИД (НИНОВ) И СИНОЛИЧКА ТРПКОВА
30 септември 2025 година, 19: 19 часот
Салон 19:19
Промотори: Епископ хераклејски Климент, Академик Катица Ќулавкова, Сашо Гигов Гиш
На промоцијата учествуваат членовите на Кино Дирижабл“: Драган Ампов, Сашо Гигов Гиш, Марко Димовски , Кирил Јосифов, Биљана Јосифов, Иво Настевски, Јанинка Невчева, Епископ Давид Нинов, Злата Тошевска-Димовска, Синоличка Трпкова.
Промоцијата е осмислена од уметничкиот кружок „Кино Дирижабл“.
Кратки осврти кон книгата:
Игор Радев: „Книжевната форма на ова необично сочинение, претставувајќи епистоларен дијалог помеѓу две души, односно две „сетила за трансцендентното“, лаконски посочени на неговите страници како Д. и Н., по самата своја природа претставува низа од образи на времето, отсечки на времетекот устремени некаде… Имено, на секое писмо следи уште едно писмо како одговор, а тоа сега се претвора во друго писмо-прашање, на коешто ќе се надоврзе одново писмо-одговор, и така до… На крајот на краиштата, посакуваме да сме едно од оние огледала на персискиот мудрец, во коишто се огледуваат сите останати огледала заедно со нашиот сопствен одраз содржан во нив. Токму со вакво доживување се збогатуваме, доколку се внесеме како што треба во редовите на ова Проникнување. Имено, се лажеме, кога би помислиле дека, читајќи, ние ќе добиеме единствено увид во душите на Д. и Н. Напротив, тие две души ни се откриваат како огледала, во коишто ќе се отсликаат поредица други луѓе, поредица пејзажи и географски локации, книги и филмови, па дури некои од нас (како јас на пример со сета нескромност), ќе се откриеме и самите себеси одразени во туѓа душа. Но, ако сме огледани во нечија друга душа, може ли таа да ја сметаме уште за туѓа?“.
Сашо Гигов Гиш: „Во „Проникнување“, Ноли и Давид се всушност Sвончица и Петар Пан во земјата на чудата, кадешто високоумниот теолошко-естетски дискурс на поетот-монах интерферира со длабокоумниот етички ракурс на актерката-професор, и наеднаш, во стилот на Џејмс Џојс, препуштени на „струјата на свеста“ низ еден умно искрен roller-coaster, се развива прекрасна наратолошка структура, темперирана до нијанса во контрапунктот меѓу обичното и длабокоумното, искуството и чувствата, искреноста и соликвилијалноста“.
Јанинка Невчева: „Епистоларната проза „Проникнување“ нема датуми, сместена е во едно безвремено време. Авторите на книгата не само што ги проникнуваат уметноста и теологијата, туку генерално водат една философско-уметничко-теолошка расправа, која исцрпно обработува теми поврзани со човековиот животен опит, општо. Личните случки, средби и патувања, одредени анегдоти од животот ѝ даваат посебен шарм на книгата“.
Катица Ќулавкова (Фејсбук коментар за „Проникнување“): „Извонредна, оригинална, интересна книга. Ја препорачувам од сѐ срце“.
***
Епископот Давид (Нинов): роден во Скопје (1972 г.). Пред заминувањето во манастир бил уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и работел во редакцијата за култура на Националната телевизија. Во манастир заминува 1995 година. Завршил средно културолошко училиште во Скопје и студирал старогрчка и латинска филологија на Институтот за класични студии при скопскиот универзитет. Дипломирал теологија на Теолошкиот факултет при државниот Аристотелов универзитет во Солун, Грција. Магистрирал (MTheol) на истиот факултет при Аристотеловиот универзитет, на Одделот за догматика, историја на философија и икуменска теологија.
За Епископ е избран во 2006 г., а хиротонијата е извршена на 17-ти Јуни 2007 година. Ја извршувал функцијата прв секретар на тогашниот Свети Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, бил уредник на официјалната интернет страница, како и на „Соборност”, периодика на тогашната Архиепископија. Објавил пет книги поезија: „Орјатско кале“, „Семири во сечило“, „Огласување на височината“, „Ојдипод“, „Насекаде“. Добитник е на наградата „Студентски збор“ (1992 г.), за најдобра дебитантска поетска книга и застапуван е, на повеќе јазици, во повеќе антологии поезија. Ги објавил и книгите: „Логиум“ (беседи), „Кон познанието (белешки од догматиката)“, „Секој крај, нов почеток (статии и колумни)“, „Времетворење (колумни)“, „Уметност и Откровение“ (одредени аспекти за уметноста и православната догма во периодот после Втората светска војна), „Надвор од границите“ (размислувања за личноста и системот). После стапувањето на МПЦ-ОА во литургиско и канонско единство со сите помесни православни цркви, со одлука на САС на МПЦ-ОА, во Јуни 2023 г., избран е за викарен Епископ на епархискиот Архиереј на Скопската Митрополија, со титула: Епископ дремвитски. Учествува на меѓународни симпосиони. Преведува теолошки текстови и стихови од грчки јазик.
Синоличка Трпкова: македонска актерка, родена во Скопје (1965 г.). Завршила Факултет за Драмски уметности, оддел за драмски актери. Како актерка остварила повеќе значајни улоги во театар и на филмското платно: „Среќна Нова 1949“, „Дом за бесење“, „Тетовирање“, „Џипси Меџик“, „Смртта на ученикот“, „Липстик“ и т.н. Има искуство како колумнист, продуцент, автор и водител на ТВ емисии.
Од 1991 г., работи на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, отпрвин на одделот за драмски актери како асистент, а потоа на предметот Филмска, ТВ и радио игра како доцент. Од 2002 г. до 2006 г., престојува во Холандија, работејќи нa проект за истражување на културното наследство од Југоисточна Европа во Холандија, на Интернационалниот Институт за Социјална Историја. Магистрира на тема „Филмскиот туризам и странските искуства од значење за Република Македонија“. Автор е на книгата „Актерска игра пред камера” (2016 г.), во која го споделува своето професионално искуство како и искуствата на познати актери, режисери и теоретичари од филмската област. Исто така автор е и на книгата кратки интимни раскази „Никогаш не кажувам“ (2021 г.). Во рамките на Факултетот за Драмски уметности во Скопје работи како редовен професор по предметот Филмска, ТВ и радио игра.
You may also like the following events from Културно информативен центар - Скопје: