BOOKSTAR #11 - „За писателцките работи“
„За писателцките работи“ го има својот корен во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
И не е случајно што на почетокот од новиот милениум Мисирков беше прогласен за најзначајната јавна личност на ** век, додека „За македонските работи“ се смета за една од најважните книги кога било напишани и објавени на македонски јазик. Поради сето ова, „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. Повикувајќи на темелно преосмислување на наследените вредности и заговарајќи пресврти преку културна преродба, Мисирков е своевиден „репер“ што треба да го следи описот на интелектуалецот без оглед на припадноста: храброст, визионерство, (р)еволуционерство и бескомпромисност. Со малата лексичка и семантичка преобразба на насловот на неговата книга, слоганот го пренесува акцентот од етничките и општествените прашања кон творечките и книжевните процеси, односно „работите“ што се клучни и значајни за уметноста на пишувањето и во Македонија и во Европа.
„За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин.
------------------------------------------------------------------------
Фестивалот на европска литература „BookStar“ 2025 ќе се случува од 29.9 до 2.10 на повеќе локации во Скопје. Наскоро следува и целата фестивалска програма!
------------------------------------------------------------------------
Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.