48-ми „Денови на македонска музика“
Понеделник, 13 октомври 2025, 20 часот
Камерна сала на Филхармонија
Концерт на ОРКЕСТАРОТ НА МУЗИЧКА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА
Диригент: Ангел Спироски
Солисти: Мила Јаневска - сопран
Хелена Суша - сопран
Калина Христовска - перкусии
Програма:
Стојан Стојков: СУМЕРСКИ ЗАПИСИ за два сопрана и гудачки оркестар
Јана Андреевска: МАНДАЛА за гудачки оркестар
Гоце Коларовски: ПАНАЃУР за перкусии и гудачки оркестар
Тома Прошев: ТЕМПЕРА 2 за гудачки оркестар
Оркестарот на Музичката младина на Македонија е врвен младински ансамбл со повеќедецениска традиција и значајно место на македонската и меѓународната музичка сцена. Основан во 1986 година како составен дел од Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија, тој е единствениот ансамбл од ваков вид во југоисточна Европа.
Во оркестарот членуваат студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, но неговиот интернационален карактер се огледува и во учеството на млади музичари од различни земји. Со своите интерпретации и високо професионален пристап, овој ансамбл се наметна како значаен изведувачки колектив, освојувајќи го признанието на публиката и музичката критика.
Од самото формирање во 1986 година и првиот концерт, одржан под раководство на основачот и долгогодишен уметнички раководител на ансамблот, Фимчо Муратовски, концертите на Камерниот оркестар стануваат нераскинлив дел македонската музичка сцена, привлекувајќи широка публика и критичка пофалба. Низ годините, уметничкото раководство на оркестарот било доверено на истакнати македонски диригенти како Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Олег Кондратенко, Елена Митревска. Неговиот репертоар и уметнички развој биле збогатени и со соработки со реномирани меѓународни диригенти, меѓу кои Арилд Ремерајт, Миша Кац и Џанлука Мартиненги.
Со повеќе од 100 концерти во своето портфолио, оркестарот изведува дела од различни епохи и стилови, комбинирајќи класичен и современ репертоар. Неговите настапи се одликуваат со висока техничка изведба, динамичка префинетост и емотивна експресивност, што резултира со силен музички впечаток. Признанијата и наградите што ги има освоено се потврда за неговата уметничка релевантност и континуираниот придонес во формирањето на идните генерации музичари, како и за неговата улога како амбасадор на македонската музичка култура на меѓународната сцена.
Ангел Спироски (1996) е композитор и диригент чие творештво ја обединува современата композиција и диригентската пракса. Формалното образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што студира композиција под менторство на Дарија Андовска, а од 2015 година започнува и студии по оркестарско диригирање во класата на Сашо Татарчевски. Дипломира како оркестарски диригент во 2019 година, а како композитор со највисоки почести (cum laude) во 2020. Во 2021 година ги завршува постдипломските студии по оркестарско диригирање. Своето музичко образование го надградува преку семинари и мастер-класови со истакнати уметници од Латвија, Словенија, Литванија, Србија, Германија и други земји.
Неговиот композиционо-естетски израз се одликува со истражувачки пристап кон современите звучни тенденции. Неговите дела редовно се изведуваат на домашната и меѓународната сцена. Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои награди на „Конкурсот за откуп на музички композиции“ (2016, 2017) и Балканскиот натпревар по композиција „Сребрен Рис“ (2019). Добива нарачки за нови дела од страна на фестивалот „Universitas Cantat“ во Полска (2020) и Македонската филхармонија за сезоната 2021/2022. Композициите „Додола“ и „V-root-OKK“ се изведени на фестивалот „Охридско лето“ и Европскиот семинар за хорска композиција.
Како диригент, Спироски соработувал со повеќе ансамбли, вклучувајќи хорови и оркестри на Факултетот за музичка уметност, Македонската филхармонија и оркестарот на Музичка младина на Македонија. Делува и како гостин-диригент со ансамбли за современа музика, меѓу кои „oerknal!“ во Приштина. Неговото диригентско дејствување е насочено кон интерпретација на современи музички дела, со акцент на новите изведувачки техники и уметнички изрази.
Мила Јаневска (1996), е талентирана сопранистка од најмладата генерација која гради импресивна интернационална кариера, настапувајќи на престижни оперски и концертни сцени и освојувајќи награди на највисоко ниво во светот на оперската музика. По завршувањето на средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, Мила продолжува со студии по оперско пеење на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломира во 2020 година. Во текот на своите студии, таа активно работи со признатите професори Габриеле Лехнер, Красимира Стојанова и Ангелика Кирхшлагер, фокусирајќи се на опера, Lied и ораториум. Во 2024 година го положува магистерскиот испит со највисоки признанија.
Солистичкиот настап со Македонската филхармонија во 2018 година го нагласи нејзиниот суптилен однос кон вокалната линија и сценската експресија, што критиката го препозна како израз на „млад сопран со исклучителна емоционална длабочина“. Во 2019 година ја пее главната улога во оперетата Смешните нибелунзи на Универзитетот во Виена, а истата година настапува на летниот фестивал JOPERA и на фестивалот „Шопертијаде“ во Виена. Мила освојува повеќе меѓународни признанија, вклучувајќи го престижниот конкурс Neue Stimmen. Во 2021 година настапува на завршниот концерт на маестро Томас Хемпсон во Линц, Австрија, а во 2022 година е дел од проектот Шубертијаде, организиран од светскиот тенор Михаел Шаде. Во мај 2023 година ја дебитира главната улога на Елетра во Моцартовата опера Идоменео на Schlosstheater Schönbrunn.
Независно од младоста, Мила веќе е препознатлива фигура на светската опера сцена, настапувајќи со водечките оркестри како Wiener Kaiserorchester и Wiener Barockorchester. Во октомври 2024, Мила ја има честа да дебитира во Индиската метропола Мумбаи, каде одржува свој солистички концерт во престижната сала „Тата театар“.
Хелена Суша Мочевиќ (2001) е сопранистка која моментално студира на Hochschule für Musik Hanns Eisler во Берлин. Во текот на својата едукација, таа работела со реномирани професори како Ана Дурловски, Талиа Ор и Ренате Фалтин. Хелена настапувала на престижни сцени, како Националната опера во Тел Авив, Болшој театар во Москва и Националниот театар во Белград. Добитничка е на бројни награди од меѓународни натпревари, вклучувајќи втора награда на меѓународниот натпревар во Нојштад, Германија, како и прва награда на онлајн натпреварот за млади уметници во Лос Анџелес, Калифорнија. Таа е исто така лауреат на натпреварите “Russian Romansiade” во Софија, Бугарија и Москва, Русија.
Хелена има настапувано со познати оркестри, вклучувајќи ја и Филхармонија на РСМ и Deutsche Reinland-Pfalz Philharmonic. На сцената на Националната опера и балет настапува како солист во музикалот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески. Во рецензиите за нејзините настапи, критичарите често ја истакнуваат нејзината „извонредна техника и емоционална искреност“, додека еден рецензент од Берлин ја опишува како „певица која ги носи своите слушатели на патување низ широкиот спектар на емоции со нејзиниот богат вокал“.
Калина Христовска (2003) е перкусионистка чија музичка кариера започнува од рана возраст, со активно учество во бројни концерти и музички настани. Во моментов е студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Нејзиниот професионален развој е обележан со настапи како во Македонија така и на меѓународната сцена. Калина редовно настапува со оркестрите на Националната опера и балет и Македонската филхармонија, со репертоар што опфаќа различни музички жанрови, од класична музика до опера и фолк, со настапи во значајни оперски дела како „Паљачи“ „Боеми“ и „Аида“.
Таа е добитничка на бројни државни и меѓународни награди, како специјалната награда на Меѓународниот натпревар „Млади таленти“ и првата награда на Меѓународниот фестивал за млади музичари „Сергеј Михајлов“.
Покрај музичките успеси, Калина активно се ангажира во волонтерски активности и интеркултурни размени. Таа била дел од проектот за интеркултурна размена со Фондацијата Песталоци во Швајцарија, што ја поврзува со глобалните културни разменувања. Нејзиното учество во мастер-класови и семинари, како Европската оркестарска програма за млади музичари FAMES и Летната школа Academia Musicae Labacensis во рамките на Музичката академија во Љубљана, го потврдува нејзиното континуирано вложување во музичката надградба и професионален развој.
Влезот на концертот е слободен.
You may also like the following events from Сојуз на композитори на Македонија - СОКОМ: