Промоција на стихозбирката „Рубедо“ од Андреј Ал-Асади
Промотор: Андреј Медиќ Лазаревски
Музика: Владимир Мартиновски и авторот
Среда, 15 октомври, од 19:30 ч во кафе-книжарница „Буква“
‒ Поезијата на Андреј Ал-Асади спаѓа меѓу најпрепознатливите достоинства на помладата современа македонска поезија. Со објавувањето на првата книга од критиката и од читателите се препозна појава на нов свеж глас во нашата литература, а со следните две-три тој впечаток само се потврди. Секоја нова книга од овој, веќе афирмиран автор, претставува вистински настан за нашето културно живеење. Неговото поетско писмо го определуваат атрибути што укажуваат на посветеност, внесување нови теми и инсистирање кон висока артикулација на македонскиот поетски исказ. Смелоста за моќна и сугестивна, алузивна и длабински мотивирана метафорика и згуснати лирски пластови се само дел од стратешките потези и креативни алатки со чија помош Андреј Ал-Асади ја издигнува и потврдува сопствената лирска зрелост.
Во овој контест е и најновата поетска книга на овој поет „Рубедо“. Радува впечатокот што во оваа најнова поетска книга, проткаена со интелектуална, филозофска и креативна длабочина, се потврдуваат високите поетски достојности на овој исклучителен поет и се истакнуваат во повеќеслојниот алузивен наслов, кој се доближува до темелни симболи. Ваквата асоцијативна густина ги поткрепува лирските единици, ја вжештува магичната атмосфера, ги полни со озраченоста на ефектите на јазичната озвученост како и на неочекуваните, но длабоко мотивирани и втемелени потези, кои му нудат на читателот поетско доживување од највисок лирски ред ‒ Славе Ѓорѓо Димоски.
Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Aвтор е на стихозбирките: „Midnight Blues“ (2013, Антолог), „Под дервишовото сиќе“ (2018, ПНВ Публикации), „Небесна геометрија“ (2019, ПНВ Публикации), „Секој секому огледало“ (2021, ПНВ Публикации) и „Рубедо“ (2025, ПНВ Публикации). Со последните четири стихозбирки беше во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата, а добитник е на наградата „Енхалон“ што исто така ја доделуваат СВП. Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот), како и на поемата „Никогаш пред ил потем“ за која ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2024 г. Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово, Струшките вечери на поезијата, Светскиот поетски фестивал во Патрас, Грција, и на интернационалниот поетски фестивал „Стих у регији“ во Загреб, Хрватска. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски, на грчки и на италијански јазик. Член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал.