Летната сцена „Славиша Кајевски“ со хуманитарен карактер
- Програмата на летната сцена под слоганот „Млади за млади“
- Средствата од продажба на билетите ќе се наменат за Support Кочани
Македонскиот народен театар ја најавува програмата за летната сцена „Славиша Кајевски“ за 2025, со поддршка од Македонски Телеком. Оваа година, под слоганот „Млади за млади“, фестивалот ќе биде насочен кон концертни настани на македонски изведувачи и ќе има хуманитарен карактер. На 14 јуни, ќе настапат KEM + POETRONIKA + M.I.K. DJ SET. Со овој проект, младите стануваат двигатели на солидарноста: сите средства од продажбата на билетите ќе бидат наменети за Support Кочани, односно за понатамошното лекување и рехабилитација на повредените во трагедијата во Кочани.
„Оваа година доаѓаме со нова енергија и свеж концепт, во соработка со „Стереолаб“, а со поддршката од Телеком го прошируваме опфатот и значењето на настанот. Средствата
собрани преку програмата ќе бидат наменети за хуманитарни цели во Кочани – уште еден доказ дека културата може да биде двигател на солидарноста. Изразуваме голема
благодарност до Support Кочани, како и до Филип Цветков, којшто го изработи дизајнот за хуманитарната иницијатива. Билетите ќе бидат по симболична цена од 300 денари, што ќе
овозможи настанот да биде достапен за што поголем број граѓани“- истакна Никола Кимовски, Директор на МНТ.
„Како бренд веруваме дека вистинската поврзаност значи и грижа еден за друг. Со поддршката на летната сцена не само што вложуваме во културата и креираме искуства за
младите, туку им даваме и можност непосредно да им помогнат на своите врсници од Кочани. Со гордост сме спонзори на овие настани од хуманитарен карактер, каде младите не само што ја слават креативноста, туку придонесуваат и за доброто на заедницата“ – истакна Елена Белевска, Лидер на корпоративни комуникации во Македонски Телеком.
„Летната сцена оваа година претставува одлична можност да им се даде шанса на млади музичари да се претстават пред јавноста и да го добијат вниманието кое го заслужуваат.
Симболичната цена за слушање на два бенда во истата вечер сметаме дека е прифатлива за секого и дека ќе ги охрабри луѓето да дојдат и да го поддржат звукот на новата генерација“, изјави Дарко Јорданов, уредник на Стереолаб.
Летната сцена „Славиша Кајевски“ премиерно беше отворена минатата година, како посвета на прерано починатиот актер којшто остави длабока трага во македонската култура. Таа ги обединува музичарите и сите други уметници со публиката на летната тераса покрај Вардар. Оваа година, шестдневната програма на летната сцена е во рамките на одбележувањето „80 години Македонски народен театар“.
Билетите се достапни онлајн на веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата во МНТ, која отвора секој работен ден од 12:00 и работи до 20:00 часот.
You may also like the following events from Македонски народен театар: