Општина Прилеп се приклучи кон ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ, водечката кампања за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност што секоја година се одбележува од 16 – 22 Септември и промовира промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија.
За таа цел креираше еднонеделна програма со интересна содржина, за чија реализација ќе се погрижат : граѓаните на Општина Прилеп, Здруженија на граѓани, Спортски клубови и Сојузи, Јавни претпријатија и други најразлични институции од градот.
16 СЕПТЕМВРИ 2025г (вторник)
Прес конференција во собраниската сала на Општина Прилеп и презентирање на програмата пред јавноста. На прес конференцијата ќе бидат присутни и ќе ги презентираат своите активности сите институции, НВО и спортски клубови кои се дел од организацијата на Европската недела на мобилност.
17 СЕПТЕМВРИ 2025г (среда)
Критична маса/Вело кино
Во изминатите години низ улиците на Прилеп еднаш во месецот во организација на ПРИЛЕП НА ТОЧАК се реализира манифестацијата Критична маса на која се собираат голем број на велосипедисти кои возат низ градските улици. Нивната цел е на самите учесници да им се долови (не)почитувањето на сообраќајните правила, интеракција со возачите на автомобили и интервенциите на полицијата.
Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град.
Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата.....
На крајот од денот сите учесници ќе присуствуваат на проекција на филм, чија техничка поддршка ќе биде обезбедена од активностите на проектот „ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ кој го реализираат здруженијата ФАК и GO GREEN.
18 СЕПТЕМВРИ 2025г (четврток)
Автобусите од градскиот превоз ќе возат бесплатно цел ден, а на патниците што ќе го користат јавниот превоз ќе им се делат флаери со претходно подготвена содржина на која ќе биде објаснето кои се предностите од користењето на јавен превоз во споредба со користењето на автомобили. Флаерите ќе ги делат учениците од сообраќајната паралелка при СОУ Ристе Ристески Ричко, кои преку целиот ден ќе бидат присутни во автобусите облечени во брендирани маички.
19 СЕПТЕМВРИ 2025г (петок)
Запирање на сообраќајот на Булеварот „Гоце Делчев“ од 18.00ч до 22.00ч и реализација на ноќна трка на 5 км низ прилепските улици. Организацијата и техничката поддршка на настанот е од Ориентациониот клуб „ЗЛАТОВРВ“ од Прилеп.
20 СЕПТЕМВРИ 2025г (сабота)
Сообраќајното одделение од СОУ Ристе Ристески Ричко заедно со претставници на одделението за сообраќај на МВР Прилеп ќе имат заеднички активности низ градските сообраќајници (запирање на возила и делење на флаери со подготвената содржина)
21 СЕПТЕМВРИ 2025г (недела)
„СИТЕ НА ВЕЛОСИПЕД 2025“
Групно возење на велосипед со старт од пред Реклами во 12.00Ч до Аеродромот во Коњари и назад. Настанот е во организација на ВК & сервис „ИЛИНДЕН “ – Прилеп на кој слободно можат да учествуваат сите љубители на велосипедот од Прилеп.
22 СЕПТЕМВРИ 2025г (понеделник)
ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ
Ќе биде запрен сообраќајот на главната сообраќајница на град Прилеп од 07.00 до 15.00ч.Во периодот додека е запрен сообраќајот на самата сообраќајница континуирано ќе се одвиваат активности координирани од страна на Сојузот за училишен спорт (СУС) - Прилеп во кој ќе земат учество училиштата, детските градинки, НВО, спортски Сојузи и спортски клубови со најразлични теми : прзентација за велосипедизам, презентација за планинарење, возење на ролери, презентација за сообраќајот и сообраќајни правила, тренинг на зумба клубот, ШАХ. ориентација, бадмингтон итн.