На 26 декември (петок), со почеток од 19 часот, во кафе-бар „Филхармонија“ ќе се одржи промоција на книгата „Во тивка самотна ноќ“, која штотуку излезе од печат во издание на ТРИ.
Ниту содржината на овие раскази ниту животописот на Нина Шуловиќ-Цветковска можат да се опишат со едноставни зборови. Кариерата ја гради работејќи на проекти поврзани со демократизацијата и доброто владеење, а напоредно расте и нејзината потреба да пишува, токму како што е напишана оваа книга – „Во тивка самотна ноќ“.
Илустрациите на корицата и низ книгата (и сета поддршка) се дело на Ладислав Цветковски.
Ве покануваме на овој датум заедно да го одбележиме пристигнувањето на необичната збирка раскази. Нејзиното претставување ќе ни го овозможи Ивана Јовановска, која во улога на промотор ќе ни ја доближи содржината. Јовановска е позната како авторка на две збирки поезија, книжевничка и културна работничка, а ја препознаваме и по нејзините настапи на меѓународни книжевни настани, меѓу кои е и Саемот на книгата во Лајпциг. Благодарение на нејзината длабока емотивна писменост и сензибилност, Јовановска ќе ни ја доближи збирката не само како книжевно писмо туку и со целото нејзино емотивно искуство, кое се доживува длабоко и лично и останува во читателот и откако ќе ги склопи кориците.
Онака како што оваа книга е сведоштво за издржливоста и моќта на човекот да се избори со најнеочекуваните и најтешките ситуации и како феникс да полета од пепелта, така и нејзината промоција ќе биде можност за заедничко славење на човековата потреба за создавање.
Ве очекуваме!