Куќната слава без која не може да се заврши годината – колективна Медуза прослава – 18.12 (четврток) во Котур од 20ч.
Ве чекаме заедно да го одбележиме нашиот 7 роденден и излегувањето од печат на годишниот зборник, овојпат со наслов „К О Ж А“. Започнуваме со краток разговор помеѓу уредничките Калиа Димитрова & Душица Лазова и три од автор(к)ите – Марија Арсенкова, Јана Наскова и Деница Чадиковска – а потоа, традиционално, се впуштаме во колективно танцово искуство.
А зошто „кожа“? Обидот да се биде во контакт со светот денес е опасен. Сепак, да избегаме, да се исклучиме и да се саморегулираме претставува привилегија по која не мечтаеме. Наспроти лажниот шарм на незаинтересираноста, отуѓувањето и загубата на значењето во алчниот симулакрум, предложивме една вивисекција, интензивно (со)чувствување, внимателен зум, љубопитно истражување на фасцинантниот орган, кој истовремено нѐ спојува со, и одделува од светот – кожата.
Како ги чувствуваме животот, денот и градот врз/во телото? Кои нешта ни предизвикуваат ежење, скокоткање, бранување? Како го отелотворуваме организирањето? Си дозволуваме ли да бидеме ранливи или во обид да преживееме, стануваме „дебелокошци“? Дали ќе потклекнеме пред удопството на ВИ како замена за амбивалентноста на човечките релации? Како ќе (си) ги вратиме желбата, возбудата и допирот? Може ли да се почне со средбите на овие страници?
15 автор(к)и пишуваат за кожата низ барем 15 перспективи: Калиа Димитрова, Душица Лазова, Ирина Талеска, Лила Мирчевска, Јелена Никодиновска, Марија Арсенкова, Бојан Станиќ, Маша Сеничиќ, Кристина Атанасова, Јана Наскова
Катерина Илијовска, Марија Каева, Деница Чадиковска, Ивана Чалоска и Марко Ицев.
Се гледаме во четврток!
* Оваа година, книгата се продава по цена од 500 МКД, а сите собрани средства ќе бидат донирани за Support Kocani.