28.12.2025 -17.30 ч.
28.12.2025 - 19.30 ч.
Проектот „Аладин и волшебната ламба“ во продукција на КРЕО-АКСИС – здружение на граѓани за инклузивно и неформално образование Скопје е инспиративен пример за тоа како младите преку уметноста учат, создаваат и растат. Во него учествуваат повеќе од педесет млади изведувачи од ансамблот „Бродвеј јуниор“, кои заедно со професионалци од областа на музиката, театарот, сценографијата и костимографијата создадоа сценско – музичко дело базирано на приказната за Аладин од збирката „Илјада и една ноќ“. Соработката со Националната опера и балет ја потврдува важноста на институционално-граѓанското партнерство како модел за развој на нови културни вредности и афирмација на младите уметници.
Креативен тим:
Наташа Лалчевска – продуцент и музички директор
Радо Алексовски – актерска режија и игра
Весна Малинова – препев на песни
Александар Митевски – музичко студио ТОРУС.
Мјузиклот се изведува во препев на македонски јазик. Времетраење: 70 минути.
За потребите на изведбите на Големата сцена на НОБ, во сценографијата ќе се користат сценографски елементи од балетската престава „Шехерезада“ дело на сценографката Марија Ветероска. Целосната адаптација на изведбите е реализирана во соработка со сценските служби на Националната опера и балет.
Изведба: Ансамбл „Бродвеј јуниор“
Во претставата учествуваат над педесет млади изведувачи од „Бродвеј јуниор“ – музичко-театарски ансамбл за деца и млади, формиран во рамките на проектите на КРЕО-АКСИС. Нивната енергија, дисциплина и креативност се срцето на оваа продукција, која ја претвора сцената во простор на учење, радост и инспирација.
Проектот има едукативна и културна мисија. За таа цел беа формирани тимови за кореографија, сценографија, костимографија и мултимедија, во кои учествуваа млади дизајнери, студенти и ученици, со што на младите им беше овозможен креативен и процесуален израз.
На проектот работеа:
Јована Спиркоска, Калина Александар и Тара Џеладин на кореографијата; Емилија Ицковска, Мила Ќурчинска и Елена Муратова на костимите за ликовите Јасмин, Манал, Исир, Раџа, Џафар, како и елементи за костимите на Принц Али и Џини, под менторство на проф. Лидија Георгиева (ТМФ – УКИМ, Институт за текстилно инженерство). Ана Ѓорѓиевска и Ана Митевска го дизајнираа сценскиот простор, а Бодан Николов, ученик од IX одделение, ја осмисли и реализира сценографската иновација – „летечкиот килим“.