✂️ „Резови“
Изложба на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски
📌 Културно-информативен центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 1
📅 1 јули 2025, 20 часот
„РЕЗОВИ“ претставува изложба која поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.
Истражувајќи ги особините и можностите на бојата како ликовен медиум – нејзината вискозност, флуидност и пастуозност, Стефан Анчевски создава слободни отворени и шаховски композииции во кои е присутна хармонија по аналогија. Во одредени композиции преовладува спонтан пристап и употреба на бојата, каде доаѓа до израз нејзината вискозност и флуидност. Со разлевањето на бојата врз површината тој создава мрежи од испреплетени линии со разни големини кои се движат во спротивни насоки. Во шаховските композиции преовладува слободен ритам и спонтан редослед при распоредувањето на контрасните линии и форми (тенки и дебели, кратки и долги, светли и темни, мазни и рапави), притоа се создава динамичен дијалог и јасна синтеза. Неговата сликарска палета ја сочинуваат црната и белата боја, како и разни нијанси на сивата и кафеавата боја. Градација на боја е присутна во позадините на апстрактните и парадигматични композиции.
Динамичните контурни линии во слободните асоцијативни апстракции на Марјан Стојаноски откриваат експресивен потег со брз и енергичен набој. Во неговите сликарски творби контрастната игра на линиите со различни карактерни обележја (нежни и груби, меки и цврсти, разиграни и крути) и акцентираните боени површини го предводат визуелниот наратив и семиотички дијалог, непосредно изразувајќи ја личната богата имагинативност и сензибилност. Со различни комбинации уметникот создава апстрактни композиции со асиметрична рамнотежа. Применувајќи цртачки и сликарски техники (јаглен и акрил), тој компонира драматични и синергични претстави исполенти со визуелни метафорични синтагми.
м-р Викторија Димеска
Биографија Стефан Анчевски:
Стефан Анчевски (Куманово, 1993) е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Има реализирано свои 14 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022) и ДЛУМ (2023). Во 2014 г. и 2023 г. добитник е на прва награда „TrashForArt“ и прва награда „Let’s bring justice closer to citizens“ во 2023 г. – COE – Национална галерија Мала Станица – Скопје. Моментално е на магистерски студии на Ликовната академија во Штип при универзитетот „Гоце Делчев“.
Биографија Марјан Стојаноски:
Марјан Стојаноски (Прилеп, 1983) средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Завршил Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ. Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“ од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп и работи во Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Изложбата ќе биде отворена до 14.07.2025 година.
You may also like the following events from Културно информативен центар - Скопје: