На 17 ноември во 20 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје, ќе се отвори изложбата „Надеж – светлина низ темнината“ на визуелната уметница Ана Митевска, под кураторство на Јасминка Намичева.
Во време на неизвесност, тешкотии и загуби надежта е најтивката, а најсилна светлина. Ја препознавам во мирисот на домот, во тивките утрински навики, во времето што ги спојува многу генерации — во старите фотографии и погледите на моите баби и дедовци, во прегратките на семејството, во вербата на блиските и пријателите.
Самостојната изложба „Надеж – Светлина низ темнината“ е продлабочување на моето духовно патешествие започнато со магистерскиот труд — таму каде што теоријата и практиката ги спојувам во едно визуелно истражување на синтезата на светлината, бојата и рефлексијата. Секој слој што го оставам на платното е отпечаток од мојата внатрешна трансформација, циклус во кој пулсираат дваесет платна (100×100 cm) како крвоток — грст емоции што се движат, се судираат и повторно се раѓаат во нови светлини и нови надежи.
Овој циклус ја артикулира мојата лична, но и универзална потреба за надеж — како чин на отпор и како искра на исцелување. За мене, создавањето не е само уметнички процес, тоа е начин на опстанок, чин на катарза, сведоштво за желбата и амбицијата да продолжам, да не го прекинам патот кон сонот.
Ана Митевска