Почитувани,
На 13.11.2025 (четврток), во 19:00 во Литературното кафе Метаноја ќе се одржи промоција на четвртата збирка поезија на Ана Пејчинова, „Чувари на малите нешта“ во издание на ИЛИ-ИЛИ.
За стиховите ќе говорат уредниците на збирката Никола Маџиров и Наташа Атанасова.
На настанот ќе можете да ја купите збирката по промотивна цена.
Книгата може да се нарача онлајн:
https://iliili.com.mk/knigi/chuvari-na-malite-neshta/
Бонус: Доколку сакате посвета, авторката ќе ве покани да ја изберете својата порака во персиски стил: со тивок фокус на своето внатрешно прашање, самите отворете ја книгата - првите стихови на кои ќе ви падне погледот се вашиот одговор - и вашата посвета.
----------
„Чувари на малите нешта“ претставува избор од досега необјавени стихови на авторката, напишани во периодот 2002 – 2025. Во класичен и во слободен стих, поезијата на Ана Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта кои се светилишта на суштина. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.
Циклусите на пропаст и препород течат низ страниците како плима и осека: „Врз урнатини градиме. Секогаш така.“ Секој пад е и лет, и обратно – дел од истото движење кое го владее светот, под привлечната сила на „двојна тежа“: онаа на Земјата и онаа на убавината и на духот. Телото е и рана и оружје, и архаична сила на плодност, смрт и спознание. Морето и сонот се и место на потекло, и праг на уништување кое води кон препород.
Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме „чувари“, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, гради и преобразува.
---------
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот.
Има објавено четири збирки поезија на македонски јазик: „Деогае“ (1995), „Ѕверот и проѕирот“ (1997), „Златните раце на демонот“ (1999) и „Чувари на малите нешта“ (2025), како и збирка раскази „Авгански дневници“ (2008). На англиски јазик, има објавено избор стихови "Guardians of the Tiny and Tender," достапен на Kindle (Amazon Books:
https://www.amazon.co.uk/dp/B0FWT6KWHW).
Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.
Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик: епот „Четирите Зои“ од Вилијам Блејк, стихови од Руми и „Избрани песни од Радјард Киплинг“. Нејзините дела се достапни во дигитална форма на нејзината веб-страница:
https://anabluefeather.wordpress.com/
Срдечно,
Ана и Или-Или
You may also like the following events from Издавачка куќа Или-Или: