ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА “ОКИ ЖЕЛЕЗО ЗА МАГИЧНОТО СЕЧИЛО“ ОД ЕЛЕНА БОШБОЖ
22. октомври 2025 година, 19:19 часот во Салон 19:19
За книгата ќе зборува Ивица Дукоски, модератор Александра Крстевска, избрани извадоци ќе чита Ангела Лозановска
Митот стана реалност – по стотици, ако не и илјадници години, по земјата чекори човек кој ги поседува Сончевите моќи.
Елшата крунисува, елшата гори. Елшата возвиши поранешен хилијарх, а кралот Марко наследи кралство на раб на војна. Несплотени градови, тензија и неизвесност – само со крв се решава спорот, предавници и узурпатори немаат место во Крунски. Останува на Заргла Неда да извојува победа за вистинскиот престолонаследник и да го обедини тоа што Каландар го распарчи.
Една кралска ќерка е заробена во туѓо кралство, каде владее најмоќното божество Ат-Aд, додека другата засведочува како човекот со почиста крв од самиот крал жртвува сè за да си ги исполни своите мистериозни цели. Сами, во два непознати света, и на двете не им се преживува, им се владее.
Среде политичките сплетки и крвавите пресметки, Токиј Токмакот само сака да си го спаси својот другар, да го извлече надвор од подземјето. Тој не трпи неправди, па на својата нова потрага си понесува неочекуван придружник.
Пријателствата се скапоцени, а магијата добредојдена во тешките времиња кои безмилосно го поробуваат кралството, гнилејќи го од сржта.
Кој кому навистина му ја плети судбината, боговите на луѓето или луѓето на боговите?
Елена Бошбож (31.10.1996) е писател, магистриран професор по англиски јазик и книжевност. Посетува фантастични светови кога ќе ѝ здодее овој вистинскиот. Кога не е дел од воспитно-образовниот процес, тогаш е пред лаптоп или пред книга, смислувајќи понекогаш волшебни, понекогаш морничави приказни. Пишува и на македонски и на англиски. Нејзиниот дебитантски роман е првиот дел од епската фантазија: Сонцето под земја, кралството над него. Има објавено два раскази на англиски јазик, едниот во The Dark Corner Zine во 2020 година, а другиот во Collective Chaos во 2024 година. Член е на Македонското научно друштво – Битола од 2022 година.