Феноменалната авторка Капка Касабова, најпозната по врвната документаристичко-патеписна проза, доаѓа во Македонија!
Со големо задоволство на 20 август во кафе-книжарницата Буква ќе организираме книжевна вечер со Капка каде пред присутните своите импресии низ разговор со авторката ќе ги искажат Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски. Секако, ќе учествува и извонредниот преведувач на нејзините книги Бранислав Мирчевски.
Ќе се зборува за балканската тетралогија на Капка Касабова со фокус на двете книги преведени на македонски во издание на Или-Или: КОН ЕЗЕРОТО и ГРАНИЦА.
КОН ЕЗЕРОТО:Балканско патување на војната и мирот
Во оваа книга се раскажува за две древни езера. Има места кои се кодирани во нашите гени, но потребно е многу време да се покажат, исто како некои патешествија кои се врежани во пејзажот на нашите дни, но им треба цел еден живот за да бидат завршени. За мене е така со овие езера.
Ја чувствувам привлечната сила на Охридското езеро уште од своето најрано детство, зашто баба ми по мајчина линија, Анастасија, е од Охрид, и таа беше важна фигура во животот во оние рани години. Веќе како возрасен човек не еднаш размислував како соодветно да му се вратам на Езерото, но чувствував дека сѐ уште не сум спремна за тоа. За да се вратиш таму каде живееле твоите претци, треба да си спремен да го видиш она, што е полесно да го откажеш.
Најпосле поттикот да продолжам дојде од тревогата дека времето тече и може да се случи нешто подмолно, речиси зад мојот грб. Дека ако не се осмисли егзистенцијалниот пејзаж на мајчиниот род, можат да се повторат некои одминати модели. Дека во тој век продолжуваме да сме сведоци на граѓански конфликти и братоубиства, на политики на поделби помеѓу народите и во самите нив, на патријархална автократија и ревизионизам, на масовна емиграција и преселби – додека сме сведоци на сето тоа, самите ние можеме да се претвориме во неволни проводници на пропаста, ако не се согласиме како да се однесуваме со своето наследство.
(Капка Касабова)
ГРАНИЦА: Патување до работ на Европа
Оваа книга ја раскажува приказната за луѓето од последната граница во Европа. Онаму каде што Бугарија, Грција и Турција се доближуваат и оддалечуваат, а границите се токму тоа што се. Тоа е местото каде што Европа почнува, а нешто друго што не е сосем Азија завршува.
Така е географски, но картата ќе те одведе само до одредена точка, a ќе се најдеш во гора од оставината што врие од сенки и живее надвор од времето. Таму завршив и јас. Веројатно сите погранични земји вибрираат со фреквенциите на несвесното; конечно, границите се место каде што материјата се лити. Сепак, оваа погранична област вибрира со еден особенo привлечен тон и е посебна од три причини. Прво, поради незавршените работи од Студената војна; второ, бидејќи оваа област е една од големите дивини на Европа; трето, бидејќи овде се спојуваат континентите уште откако постојат континенти.
Мојата генерација во Источна Европа созреа со падот на Берлинскиот ѕид. Во сенката на оваа граница поминаа моите детски години во Бугарија, во времето на последната фаза на „социјализмот со човечки лик“, како што гласеше несреќниот слоган од тоа време. Така, беше природно патувањето околу границата целосно да ме обземе. Кога си близу до некаква граница, невозможно е да не бидеш обезмен, да не посакаш да ја преминеш или пречекориш. Со самото тоа што си таму, ја добиваш поканата. Ајде, шепне таа, премини преку линијата. Ако се осмелиш. Преминувањето на линијата, дење или под закрилата на ноќта, е страв и надеж истовремено. Некаде те очекува чамџија чие лице не можеш да го видиш. Луѓе умираат преминувајќи граници, а понекогаш и само кога се на чекор до нив. Оние среќните, пак, одново се раѓаат на другата страна.
(Капка Касабова)
Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и книгите од балканската тетралогија „Граница“ (2017) „Кон езерото“ (2020,) „Еликсир“ (2023) и „Анима“ (2024). Капка Касабова е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на aнглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска.