Промоција на стрипот „Тивка војна“ од Методија Стојановски, 7 октомври, вторник, 19:30, во „Буква“
Промотори: Билјана Црвенковска и Антонио Аранѓеловиќ
Стрипот „Тивка војна“ на младиот автор Методија Стојановски е првото издание на „Чудна шума“ од македонски автор кое припаѓа на жанрот стрип / графички роман.
„Во големата и празна пустина која ја мапира стрип-сцената во нашата земја, графичката новела „Тивка војна“ на Методија Стојановски е оазично откровение, изобилувајќи со сочни, хранливи плодови и питки, бистри и слатки нектари, задоволувајќи ги високите вкусови на Уметноста. Длабоката и филозофска приказна, раскажана во метафорична форма, преку умешноста на нејзиното преносно значење нѐ поврзува со главниот карактер, во кој ќе го пронајдеме алтер егото на самиот автор, но и на секој од нас лично. Приказната ќе не соочи со нашите длабоки стравови, дилеми, сомнежи, слабости и навики, кои се причина за нашите постапки и кои, пак, нѐ заробуваат во темните, р’ѓосани зандани на нивните последици. Главниот карактер во стрипот ја води таа интровертна војна за себе, а преку тоа и за нас, користејќи се себеси како аватар на нашето сопствено Јас.
Визуелната реализација во стрипот изобилува со исклучителна умешност, сочинета со питомата и мајсторски извезена линија на Методија, оплеменета со тонските градации, точно доловувајќи ни ја атмосферата во која треба да не втурне магијата на нарацијата, трпеливо и внимателно хранејќи не залак по залак низ приказната.
Методија, третирајќи го читателот како љубопитен авантурист низ неговото волшебно патување, понекогаш ведро низ благите зраци на вешто дозираниот хумор, но и возбудливо адреналински низ најтемните одаји на стравот и ужасот, гарантира автентично и незаборавно искуство низ мистичните турбуленции на психолошката војна која ја водиме со себеси, со нашето минато, сегашност и иднина. Преку стрипот, правејќи го тоа тивко и нечујно, судирајќи се со нашата сопствена тивка војна.“
- Антонио Аранѓеловиќ, рецензент