Промоција на стихозбирката „Патот за Гвадалахара“ од Поли Муканова (Бугарија)
Промотор: Зоран Јакимоски
Модератор: Јулијана Величковска
Петок, 14 ноември, од 19:00 ч.
Бифе МКЦ - Скопје
‒ И во оваа книга се препознаваат поетските простори на Поли Муканова во кои се бараат и се откриваат релациите: себе – свет, далечина – близина, животните напори со кои човек мора да се справи, но и соништата без кои не може да се живее.
Низ еден лесен лирски пев, песните се продлабочуваат една со друга и во динамична врска откриваат посебни внатрешни моменти што моќно и сугестивно го манифестираат магичното дело на поетскиот јазик.
Книгата завршува со една мала поема ‒ „Вечноста што се лади со кафето“, дијалошки моделирана во единаесет паралелни гласови што контрапунктираат кревки лирски нијанси и нѐ потсетуваат на најсјајните интимни водоскоци од светската сентиментална поезија. Може да се чита и како внатрешни драми на еден возбудлив поетски дијалог.
Песните во книгата „Патот за Гвадалахара“ се возбудливи и промислени, и се за интензивна врска, за силна потреба поезијата да биде директна и откривачка, да биде глас на животот и реалноста, но реалноста да не е само стандардно секојдневие ‒ Славе Ѓорѓо Димоски.
‒ „Патот за Гвадалахара“ е збирка поетски патокази што водат од една до друга земја, од минатото кон иднината, од сегашноста во сите правци, од површината на земјата до слоевите со крв натопени надолу, надолу... а погледот вперен кон небесата ‒ нагоре, нагоре! И, ако некогаш сите патишта водеа до Рим, во оваа збирка песни, Поли Муканова нѐ насочува кон човечкото срце ‒ нежно, меко, вљубено, носталгично, тажно, осамено, женско, храбро, доброќудно, надежно... а патоказите се многу, зашто ‒ „никогаш само една патека / никогаш само една насока / едно ли е срцето“?! ‒ Јулијана Величковска.
‒ Поезијата на Поли Муканова е сочна, приемчива, инспиративна, ослободена од секаков патос и патетичност таа се носи со предизвиците, со стил што е актуелен за мигот во којшто настанува и опстојува и којашто навистина има толку многу да му понуди и препорача на читателот ‒ Зоран Јакимоски.
Поли Муканова, поетеса, преведувач, универзитетски професор, е родена во Софијa. Предава историја на книгата и библиотеките, теорија на читањето и библиофилство на Универзитетот за библиотечно познавање и информатички технологии во Софија. Пишува поезија и кратка проза. Автор е на шест книги со фикција и две научни монографии. Од 2010 година е уредник на литературната веб-страница и издавачка куќа „Сбориште на трубадур“. Нејзини стихови се препеани на девет јазици. Во март, 2024 година го спроведува првиот курс во Бугарија по креативно пишување за библиотекари, на којшто учествуваат Аксинија Михајлова, Владимир Левчев и Лидија Димковска. Истата година, Поли Муканова, била единствената официјална учесничка на СВП од Бугарија.
„Патот за Гвадалахара“ е нејзина трета книга преведена на македонски јазик.