ЧЕРГАРИ ПАТНИЦИ
Отворено графичко студио
Графика и музика
САБОТА.01.11.2025
20 ЧАСОТ
„Чергари, патници“ е патување низ архетипите на колективната меморија со
изложба на графики и книга во сито печат изработени изминатата година во студиото на Партизанска штампа. Инспирирана од традиционалната македонска орнаментика и нејзината симболика и форма, изложбата го следи патот на визуелниот јазик на културното несвесно од народниот вез до современата графика. Музичката интерпретација на визуелното ќе биде на бастионите на македонската млада музичка сцена : Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска. Бучава после нив ќе прави THE BELLY од Белград. 
„Чергари, патници“ тргна само како концепт под кој го препознавме својот талкачки принцип на локално ниво, перцепцијата на делувањето на алтернативната уметност како „недоволно добра“ за да биде вдомена. Во јунговска смисла, патникот е архетип на индивидуацијата – оној што тргнува во движење за да се сретне со својата сенка и да ја преобрази во светлина. 
Во македонскиот јазик, патникот освен што патува, е и човек кој страда. Затоа тргнавме на пат низ симболите, да отидеме подлабоко, слој по слој, да се препознаеме и да провериме дали сме на правиот пат. Меѓу боите, слоевите и формите на сито-печатот, оваа изложба го трасира тој пат: патот од декорот кон симболот, од локалното кон универзалното, од чергата кон космосот. Орнаментот не е само украс, туку жив симбол – кодиран запис на културното несвесно. Во него се среќаваат животот, сонцето, телото и духот, минатото и сегашноста. Затоа оваа изложба ќе ја искористиме да Ве поведеме на патување низ симболите, но и низ една културна меморија на работата на графичката работилница на Партизанска штампа во текот на изминатите 10 години. 
Основната смисла на графиката е да го зборува визуелниот јазик, да го пренесува, да соочува, да раскажува. Во процесот на интерпретацијата не можевме да оддолееме на можноста да створиме етнокултурен континуум и да создадеме книга во сито печат во која преку слободно пренесување на симболите ја печатевме деструкцијата и страдањето на современието кое го живееме. 
Кои се? Чиви се? Од каде се? Од ѓубрето. Слоеви, слоеви. Слоеви удолу, бесконечност угоре. Боја по боја, се протнуваме низ слоевите, оти визуелниот јазик е другото место на кое можеме да се сокриеме од стаорците околу нас. Поместување, патување, страдање за да стигнеш до основата, таму е првото место на кое можеш да се сокриеш. 
На патникот патот – на овчарот стапот.
Со почит,
Партизанска штампа