Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година и промоцијата на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска ќе се одржат на 9 декември (вторник) во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Кон наградата и победничкиот роман ќе се осврнат Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“), кои беа дел од жири-комисијата.
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во кое, покрај Додовски и Бендевска членуваше и професорката Соња Стојменска-Елзесер.
Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
„Кривата Дијана“ (со поднаслов „Роман за верижната вина“) е проза на актуелниот момент, кој трае повеќе од три децении во мерливо време, а многу подолго кога се мери со кантарот на погрешните постапки на секој член на заедницата. Ова е четиво за колективната несреќа што ја перпетуира верижната вина на секој од нас кој премолчел, потклекнал и превидел кога требал да се испречи пред туѓите човекови слабости.
Книгата „Кривата Дијана“ е достапна во поголемите книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
Also check out other Arts events in Skopje, Literary Art events in Skopje.