Гостува „Вообразениот болен“ од Народно позориште, Белград
Претставата „Вообразениот болен“, според текстот на прочуениот француски комедиограф Жан Батист Поклен Молиер, во режија на Никола Завишиќ, а во продукција на Народно позориште, Белгад ќе гостува во МНТ на 23 декември со почеток во 20:00 часот.
Претставата носи освежена визија во духот на оригиналното Молиерово дело од 1673 година и првпат се изведува со интермецa, како што тоа Молиер првично го замислил.
Воедно, претставата претставува омаж на Молиер не само како писател, туку и како голем актер, како и на неговата потполна посветеност и оданост кон театарската уметност.
„Во нашата претстава, за време на тие кратки паузи во дејството, се случува нешто друго — нешто значајно за групата актери што ја гледаме, а што публиката во стандардна изведба не би можела да го види: се наоѓаме на четвртата изведба на Вообразениот болен на 17 февруари 1673 година. Зад завесата ги гледаме подготовките на актерите за следниот чин, сфаќаме дека господинот Молиер е болен, дека не му е добро, дека играњето на комедијата за него станува прашање на живот и смрт. Сакавме да се впуштиме во поризичен, но повозбудлив театарски потфат. На тој пат нè повлече силната струја на Молиеровата судбина. Ја искористивме симболиката на неговата смрт, која навистина започнала на сцената, токму при четвртата изведба на ликот Арган — вообразениот болен. Таа околност цврсто, но нежно во текот на нашата претстава прави таа, покрај својата заиграност и комика, да биде и кревка, речиси трагична“, вели режисерот Никола Завишиќ.
Драматургот Периша Перишиќ оценува дека Молиеровиот „Вообразениот болен“ претставува апотеоза на жанрот, затоа што почива врз особено уживање што музиката, играта и танцот го создаваат во рамките на самата комедија.
„Во фокусот на овој спектакл, во полна смисла на зборот, збогатен со музика и кореографија, е процесот на сублимација на разнородните елементи во комичен максимум. Денес е речиси невозможно да се замисли било која студија за славниот драматичар, а да не се постави во контекстот на општествените, културните, па и политичките околности што суштински го информираат секој аспект на уметничката дејност. Затоа уште на почетокот решивме да не го митологизираме, ниту романтизираме. Во суровоста на тогашните изведувачки услови најдовме паралела со современите продукциски системи лишени од емпатија и водени од немилосрдниот диктат – Show must go on!“
Преку хиперболизиран хумор и апсурден, пренагласен комичен стил на игра, претставата ги преиспитува моралните вредности на општеството, болните и расипани меѓучовечки односи, алчноста, зависноста од болеста, како и измамата и поквареноста на лажните „заштитници“ на здравјето. Сето тоа заедно создава искривен, но вистинит одраз на времето и општеството во кое живееме и денес.
„Болеста на поединецот и болеста на општеството – судирот меѓу тие две сили, иако до крајност хиперболизиран, не може да биде ништо друго освен смешен, но сепак остава трагичен ожилок во душата на гледачот. Една од идеите на нашиот процес беше: како да создадеме комедија што не бега од длабока емоција, од трагика? Комедија што се занимава со прашања на театарска етика, но и со етиката во контекст на семејството и општеството. Болеста е метафора, но кај Арган е толку измаштана што во неговата свест почнува целосно да го обзема и станува реална. Реални халуцинации. Дали под влијание на тие халуцинации тој го губи својот идентитет? Дали другите ликови навистина постојат или се плод на неговата фантазија? Тоа се прашањата и патиштата по кои се движевме. Според оригиналот, најпрецизно би било Вообразениот болен – во смисла дека Арган си вообразува дека е болен, имагинарно е болен, но во исто време е и замислен над својата болест, ја промислува себеси, луѓето околу него и односите меѓу нив“, вели Завишиќ.
Уметничкиот тим на ова дело го сочинуваат драматургот Периша Перишиќ, сценографот Јелена Радовиќ, костимографот Суна Кажиќ, композиторот Јован Стаматовиќ Кариќ, дизајнерот на звук и звучни амбиенти Владимир Петриќевиќ, кореографите Тамара Пјевиќ и Јакша Филиповац, како и Љиљана Мркиќ Поповиќ (сценски говор).
Во актерската екипа се: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ, Вучиќ Перовиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ Кариќ.
Билетите се пуштени во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ. Цената за патер е 1200 денари, а цената за прва и втора галерија е 1000 денари.
You may also like the following events from Македонски народен театар / Makedonski naroden teatar: